април 28, 2017

Нион, 28. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Македонија за три месеци ја очекува еден од најголемите спортски настани во нашата историја, УЕФА Супер купот 2017 кој на 8. август треба да се одржи на „Телеком арената“ во Скопје.

Но, најновите несакани случувања на домашната политичка сцена, и комплетната безбедносна ситуација, ја принудува УЕФА од денеска засилено да „отвори очи“ околу организацијата на еден од трите најголеми европски клупски настани во 2017, дознава порталот ЕКИПА.

Европската куќа на фудбалот покрај досегашните стандардни процедури пред организација на вакви настани наредниот период, активно ќе ја следи и безбедносно-политичката ситуацијата во земјава под засилена комуникација со Фудбалската федерација на Македонија и со надлежните државни институции…

„Засега не се разгледува можноста за одземање на организацијата на Суперкупот во Скопје. Сепак, за тоа одлука може да донесе само Комитите за итност и Извршниот одбор на УЕФА, но наредниов период дефинитивно организацијата е ставена под засилен мониторинг, што е прв случај кога е во прашање организација на настан од вака висок ранг. Ќе има и засилена комуникација со ФФМ. Во секој случај, се ќе зависи од натамошниот тек на политичко-безбедносната ситуација во земјата“ – велат за порталот ЕКИПА извори од УЕФА.

УЕФА на почетокот од следниот месец можно е да излезе и со официјално соопштение околу текот на подготовката на Супер купот 2017 во Скопје.

Засега, од УЕФА, согласно досегашните контроли, се задоволни од подготовката на нашиот најголем стадион и целокупната пропратна организација, но се ќе зависи од безбедносната ситуација. Затоа што за Европската куќа на фудбалот, во прв план секогаш е безбедноста на актерите, службените лица и сите посетители кои во тој период ќе допатуваат во главниот град на Македонија. (Крај)

извор: Екипа.мк фото: ЛШ

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука