април 28, 2017

Охрид, 28. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Кон крајот на август во Охрид ќе се организира меѓународен летен камп „Барселона 2017“.

Станува збор за настан, кој нуди можности за развој на спортскиот туризам во Охрид. Тeнденцијата е настанот да прерасне во традиционален.

На вчерашната 70-та Седница на советот, беше изгласана Предлог Одлуката за учество на Општина Охрид во реализацијата на овој летен фудбалски камп „Барселона 2017“, кој е предвидено да се одржува од 21 до 28 август.

Градот Охрид ќе издвои буџет од 1 милион денари за поддршка за организирање на летниот камп „Барселона 2017“.

Дел од советниците од опозицијата, во врска со оваа точка се изјаснаа дека ќе гласаат воздржано, од причина што, сметаат дека недоволно биле образложени ставките по однос на одвојувањето на потребните средства. Додаваат дека секогаш како советничка група давале поддршка за различни спортски и други настани, но конкретно за овој претстоен настан, не добиле никаков извештај со податоци за оправданоста на проектот.

– Ние сме во позиција да поддржиме исплата на милион денари, без притоа да стојат објаснати каде ќе одат тие пари. Добивме само усмено извастување, но сметам дека е дури и навреда кон нас како советничка група, без да имаме образложение, кои луѓе стојат позади сето ова, кои се долгорочните аспирации и како ќе бидат распределени трошоците. Затоа заземаме став да бидеме воздржани. Ако, како советници го добиеме проектот на писмено, се разбира дека ќе излеземе и ќе го поддржиме, кажа советникот Јован Стојаноски.

Во февруари годинава, директорот за развој на меѓународните проекти на школата од фудбалскиот клуб Барселона, Инаки Гонзало беше во посета на Охрид, каде што се разгледуваа можностите што ги нуди Охрид за инвестирање во спортот. Гостите од Барселона беа запознаени со постоечката спортска инфраструктура.

Проектот ќе се однесува на отворање на фудбалска школа, организирање на летен камп и академија. Фудбалскиот клуб Барселона веќе седум години развива вакви проекти на повеќе локации во светот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука