Охрид, 29. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Скопскиот музички состав String Forces вечерва ќе ја организираат охридската промоција на нивниот последен албум „Соголи ме“.
Промоцијата ќе се одржи со почеток во 22 часот во лаунџ барот „НОА“.
Бендот во 2010 година во Охрид го промовираше албумот „Reductio ad Absurdum“.
„Соголи ме” е петти по ред студиски албум, кој својата прва промоција ја имаше на 10 февруари во денсинг салата на МКЦ во Скопје. Новиот албум е продолжение на приказната која започна далечната 1999 година преку албумот „String Forces“, па следуваше албумот „Изохронија“ од 2002, „Свиленкаст пат“ од 2006 и „Reductio ad Absurdum“ од 2009 година.
Како и претходните, албумот е снимен во студиото „Профундус“ во продукција на String Forces, под водство на Дориан Јовановиќ од март 2016 до јануари 2017. Во истиот период групата продуцираше и четири видео-спота за песните „Ние сме“, „Тишина“, „Зборот“ и последниот, „Има ли“. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива