мај 2, 2017

Охрид, 2. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Вкупно 180 патници од Амстердам со авиокомпанијата „Корендон“ пристигнаа на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“, со првиот сезонски чартер лет кој ја отвори летната сезона 2017.

Туристите беа пречекани со воден мост, традиционална македонска закуска со леб и сол и разнобојни колачиња.

Ohridski aerodrom (1)

– Со отворањето на летната сезона 2017, веруваме дека ќе биде успешна од аспект на зголемен авиосообраќај. Покрај редовните линии кои ги имаме преку целата година на охридскиот аеродром – за Базел, Цирих и Лондон, како и традиционалните чартер-летови од Холандија, ова лето ќе продолжат сезонските летови кои ги отворивме во 2016 година од Белград, Брисел и Тел Авив, додека нови чартер-летови од Полска ќе почнат од 22 јуни. Еднаш неделно 200 полски туристи ќе доаѓаат на Охридското Езеро, благодарение на договорот кој го потпишавме со еден од најголемите полски тур-оператори. Сигурни сме дека ќе продолжиме да го развиваме охридскиот аеродром и да придонесуваме за развојот на локалниот туризам, изјави Алпер Ерсој, Генерален директор на ТАВ Македонија.

Ohridski aerodrom (5)

Во летната сезона 2017, на охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ очекувано е да слетаат 183 авиони од Амстердам (со авиокомпаниите Корендон и ТУИ), кои ќе донесат преку 28.000 холандски туристи кои ќе го поминат нивниот одмор на Охридското Езеро. Во исто време, од мај до октомври 2017 година, со сезонските летови, на охридскиот аеродром се очекуваат околу 2.000 патници од Брисел со Томас Кук, потоа 2.300 патници од Белград со Ер Србија и околу 2.600 патници од Тел Авив со Аркиа.

Ohridski aerodrom (4)

ТАВ Македонија ги заврши првите три месеци од 2017 година со 7% зголемување на бројот на патници, достигнувајќи 369.177 патници на двата македонски аеродроми – скопскиот „Александар Велики“ и „Охридскиот Свети Апостол Павле“.

Ohridski aerodrom (13)

Минатата 2016 година ТАВ Македонија ја заврши со 1,8 милиони патници на двата македонски и 15% зголемување на годишно ниво, додека бројот на летови беше 16.883, со пораст од 8,9%. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука