Охрид, 3. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Познатите електронски артисти Hardwell и Afrojack официјално ги најавија нивните настапи на претстојниот фестивал „Охрид колинг 2017“ кој ќе се одржува на 01 и 02 август, на стадионот „Билјанини извори“ во организација на Авалон Продукција, соопшти Продукцијата.
Тие првпат доаѓаат во Македонија на фестивалот, кој годинава ќе го има своето второ издание.
Afrojack е еден од најтиражните изведувачи на дeнешницата, а воедно можеби и највлијателниот диџеј и продуцент. Неговото доаѓање во Македонија со нетрпение се очекуваше во целиот регион, а ова ќе биде и единствениот негов настап на овие простори. Зад себе има Греми награда, а неколку години по ред, како и годинава, се наоѓа во топ 10 најдобри диџеи според сите релевантни диџеј листи.
Високотиражниот хитмејкер Hardwell пак, со години е во меѓу трите најдобри диџеи на светската ранг листа, а воедно е и најмладиот на кој тоа му пошло од рака. Директните преноси на спектакуларните настапи во живо со кои Hardwell едно по друго ги освојува најголемите фестивалски бини на планетата, заедно со спотовите и видеоблогот на „Јутјуб“ вкупно имаат повеќе од милијарда прегледи.
Специјален гостин на настапот на Afrojack на први август ќе биде Ravitez додека на настапот на Hardwell на втори август, ќе бидат познатите имиња Kill the Buzz и Dante Klein.
Билетите за фестивалот во Охрид се во продажба преку продажната мрежа на Купи Карти За Се низ цела Македонија, Југотон и онлајн на веб страницата на ККЗС, по цена од 1.000 денари партер, 1.500 денари фан пит, 1.500 денари ВИП и 2.000 денари Ултра ВИП.
Во продажба се пуштени и блок влезници за двата фестивалски дена кои чинат 1.500 денари за ПАРТЕР и 2.000 денари за ФАН ПИТ. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива