Охрид/Дубровник, 3. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Охридските фудбалски надежи од клубот “Фер Плеј” се вратија со три шампионски пехари од четвртиот интернационален фудбалски турнир “Талент Куп”, што се одржа во Дубровник, Хрватска.
Охридските фудбалски надежи од генерациите 2005, 2007 и 2008 година им одржаа вистинска лекција по фудбал на своите врсници. Ни топлото време, па ниту поројниот дожд не ги спречи да стигнат до победа.
Генерацијата 2008 година, со хет – трик на Стефан Бујароски, во финалето славеше со 3:1 над тимот на Брокета од Хрватска. Иако не ја освои наградата за најдобар голман, сепак голема заслуга за пламанот во финалето и победата на оваа генерација имаше чуварот на мрежата, Ердал Парталко.
Со минимални 1: 0, но сосема доволни за пехар, генерацијата 2007 го совлада домаќинот Жупа Дубровачка, додека “најголемите”, генерацијата 2005 година славеа со 2:1 над екипата Содертале од Шведска.
Покрај екипно, беа освоени и индивудални награди. За најдобар стрелец (генерација 2005) беше прогласен Мартин Георгиевски. Најдобар стрелец односно голман (генерација 2007) беа Бобан Кузманоски и Давид Крстески, додека пак за нај стрелец (генерација 2008) награда доби Стефан Бујароски.
На овогодинешното издание на талент купот учество зедоа и екипи од Босна и Херцеговина, Косово и Албанија. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес