Охрид, 5. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Граѓаните од повеќе градови на републикава имаат можност да посетуваат обуки за јакнење на граѓански активизам, а целта е да се зголеми граѓанската свест, да не се наседнува на пласирањето на лажни вести, вели за Супер радио Синиша Пекевски, национален координатор на проектот „Јакнење на граѓанскиот активизам преку медиумска писменост“.
Работилниците за граѓаните на Охрид ќе се одржат на 12 и 13 мај, од 10 до 15 часот, во просториите на Агенцијата за вработување.
На средбите кои ќе се одвиваат во два дела, ќе се обработуваат сите теми, освен политички, објаснува Пекевски, потенцирајќи дека има можност за развој на локални акции, кои се од интерес на заедницата.
– Обуката ќе биде бесплатна. Првиот ден ќе се говори за темите како: што е вест, а што пропаганда; како да се препознае лажна вест. Додека вториот ден, ќе се говори на теми за локални предизвици, а мораме да напоменеме дека нема да се разработуваат политички теми, со оглед на актуелната ситуација, туку ќе опфатиме теми, кои се однесуваат на реалните проблеми на локално ниво, објаснува Пекевски, воедно повикувајќи ги заинтересираните охриѓани, да се приклучат на обуките.
Преку работилниците ќе се развијат локални акции и план во секој град поединечно за нивно реализирање за тековен проблем или предизвик.
– Целта е со оваа обука граѓаните да увидат и позитивно да се справат со напливот на лажни вести во медиумите и секако да препознаат пропаганда или маркетинг во вестите кои медиумите им ги сервираат. Учесниците на обуката ќе се едуцираат и со вештини за изведба и реализација локална акција за решавање предизвик кој се појавува во заедницата, дополнува Пекевски.
Во рамките на проектот се предвидени да се реализираат 6 работилници за граѓански активизам и 6 работилници за медиуми и медиумска писменост во Струмица, Охрид, Гевгелија, Кочани, Гостивар и Штип, при што истите ќе можат да учествуваат сите полнолетни граѓани. Досега се одржаа работилниците во Струмица. А во вториот дел од сесијата на работилниците, ќе бидат вклучени и другите градови, меѓу кои и Струга. Тие работилници се предвидени за периодот јуни/јули. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива