Охрид, 5. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Преку имплементацијата на европскиот партнерски проект LAKtive Tourism, пилот тест со италијански туристи деновиве се реализира во Охрид, а ќе трае до 8 мај.
Во Охрид ќе престојува голема група на туристи сениори од Италија, како и претставници на европските партнери вклучени во реализацијата на проектот. Туристите од Италија ќе се запознаат со културното и природното наследство на Охрид, нашите традиции, култура, музика, традиционалната храна, разновидната туристичка понуда на Охрид, а ќе имаат можност да ги откријат убавините на Охрид и на Охридското Езеро.
Во Охрид исто така ќе се одржи Состанок на проектните партнери.
Проектот LAKtive Tourism е од COSME Програмата на Европската Унија –LAKtive Tourism претставува Европски партнерски проект од повеќе европски земји од Европската Мрежа на Езера и тоа: Општина Исео од Италија, Општина Охрид од Македонија, Општина Манзанарес Ел Реал од Шпанија, Општина Блед од Словенија, Регионот Леитрим од Ирска, Општина Кандиа, Канавезе од Италија, Организација на сениори од Блед и два туроператори: Виспој од Охрид и Кооптур од Италија.
Главната цел на Проектот е продолжување на туристичката сезона со целна група сениори. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива