Охрид/Струга, 5. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Со низа активности, по четврти пат се одбележува Денот на реката Дрим.
Координирана акција на ниво на Дримскиот басен отсуствуваше се до развивањето на Заедничката визија за одржливо управување на ниво на басенот на реката Дрим и потпишувањето на Меморандумот за разбирање (Тирана, 25.11.2011) од страна на Министрите надлежни за води и животна средина во државите кои го делат Дримскиот басен: Албанија, Македонија, Косово и Црна Гора. Сето тоа беше резултат на Дримскиот дијалог кој се координира од Global Water Partnership Mediterranean (GWP-Med) и UNECE, вели Дејан Пановски, национален координатор на ГЕФ проектот.
– Главната цел на Меморандумот за разбирање е развивање на заедничката визија „Промоција на заеднички активности за координирано интегрирано управување на споделените водни ресурси во Дримскиот басен, во смисол на можна заштита и реставрација на екосистемот и промоција на одржливиот развој низ целиот Дримски Басен“.
Дримскиот ГЕФ Проект (Глобалниот еколошки фонд) поддржа проект „Овозможување на прекугранична соработка и интегрална управување на водените ресурси во целиот басен на реката Дрим“ кој е целосно по содржина, цел и задачи во линија со Координираната акција за Дрим CORDA.
Во оваа насока Проектот обезбедува имплементација на Меморандумот за Дрим и операционализација на соработката помеѓу државите за управување со речниот басен. Корисници на проектот се Албанија, Македонија, Косово и Црна Гора, а предвидено е истиот да трае 4 години.
Прогласувањето на Ден на реката Дрим е идеја и одлука на Дрим Кор групата која како симболика ги има петте земји кои го делат Дримскиот басен и суб-басените Преспа, Охрид и Скадар.
– Основната цел на Денот на реката Дрим е да ја подигне свеста на локалните заедници и на пошироката јавност за важноста од одржливо управување на басенот на реката Дрим и зачувување на неговиот екосистем. Активностите ќе послужат како средство да се прошири разбирањето помеѓу луѓето и посебно меѓу младата популација, за вредностите на живеалиштата и на видовите во регионот и да се промовира разбирлива и континуирана акција за осигурување на биодиверзитетот на басенот на реката Дрим и на неговиот вреден екосистем, потенцира Пановски.
Кон одбележувањето на Денот на реката Дрим, утре во организација на Еколошко друштво “Грашница”, ќе се реализираат повеќе настани.
Програмата ќе започне во 9.30 часот на Градското пристаниште, со еко-караван со теренски возила кој ќе се упати кон селото Косел. Предвидени се јавни средби со жители од селата Косел, Вапила, Горно и Долно Лакочереј и дискусија на тема: Добри земјоделски практики за зачувување на сливот на реката Дрим во добра еколошка состојба, едукативна училишна посета со 20 ученици од Струга на станица за пречистување комунални отпадни води, с. Ложани, општина Струга, како и јавна дискусија: Добри земјоделски практики за зачувување на сливот на реката Дрим во добра еколошка состојба, с. Орман.
Поздравни говори ќе одржат заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Стево Темелковски и Дејан Пановски, национален координатор на ГЕФ проектот: “Овозможување прекугранична соработка и интегрирано управување со водните ресурси во поширокиот слив од реката Дрим”. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива