мај 8, 2017

Охрид, 8. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – На денешен ден 1828 година роден е големиот хуманист Анри Динан, основоположник на идејата за движењето на Црвениот крст.

Во негова чест 8 мај се одбележува како Светски ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина, а неделата од 8-15 мај, како Недела на Црвениот крст и Црвената полумесечина.

По тој повод Црвен крст Охрид се вклучува во глобалната кампања на Меѓународната Федерација на друштвата на Црвен крст и Црвена полумесечина која се одвива под мотото „Насекаде за секого“.

Ќе бидат организирани повеќе активности. Активностите почнуваат денес со полагање на свежо цвеќе пред бистата на Анри Динан во Охрид, пред седиштето на Црвен крст Охрид.

Утре, 9 мај, вторник, во 10:00 часот ќе започне крводарителска акција во Факултетот за туризам и угостителство – Охрид.

Во среда, на 10 мај со почеток во 10:00 часот, ќе се одржи Отворен Инфо Ден – прием во седиштето на Црвен крст Охрид за децата од предучилишните установи и учениците од основните училишта во Охрид, каде преку промотивни материјали и видео проекции ќе се запознаат со мисијата на движењето на Црвениот крст, со активностите на Црвен крст Охрид и како се станува волонтер на Црвен крст.

Од денес до 15 мај, на сите новороденчиња родени на Гинеколошкото одделение при Општата болница во Охрид во Неделата на Црвениот крст од 8-15 мај, и нивните мајки, Црвен крст Охрид ќе им додели пригодни и корисни подароци.

Како што најавуваат од општината организација, во текот на овој месец ќе се одржат работилници за дисеминација-ширењето на знаењата за Црвениот крст со членовите на Собранието и волонтерите на Црвен крст Охрид, а ќе бидат објавени и резултатите од ликовниот и литературен конкурс на тема Хуманоста во заштита на човековото добро и достоинство. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука