Охрид, 8. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Меѓународната летната школа е проект кој по седми пат се организира од страна на Економскиот факултет – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј ” во Скопје и студентската интернационална платформа топ Скопје.
Работен јазик на Меѓународната летна школа е англиски јазик. Периодот на одржување е од 7 до 13 август годинава. Локацијата е Конгресен центар, Охрид.
Темата на овогодинешната Школа, „Направи разлика – стани млад лидер во справување со новите економски предизвици на патот кон ЕУ”, е дефинирана во согласност со актуелните проблеми и предизвици со кои се соочуваат земјите од регионот на патот кон нивното полноправно зачленување во Европската Унија, од една страна; и тековните проблеми и предизвиците со кои се соочува Унијата по последната економска криза, од друга страна. Целта на проектот е пренесување на теоретските и практични искуства поврзани со новите сознанија во економијата и јавните политики во посткризниот период, а кои треба да се земат предвид во справување со економските проблеми и реформи во земјите од регионот во функција на јакнење на конкурентноста на нивните економии на патот кон ЕУ.
Најавените тематски области ќе бидат покриени од академски кадар од реномирани и добро етаблирани универзитети, како и од експерти од релевантни домашни и меѓународни институции. Посебен простор на Школата ќе биде оставен за размена и пренесување на искуствата од успешните македонските компании.
Краен рок за пријавување е 15-ти јуни. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива