Дојран, 8. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – По Сигма и Вилкинсон кои со спектакуларните настапи ги одбележаа претходните изданија на Д Фестивал, во листата флавни изведувачи годинава се запишува уште една од најактуелните ѕвезди на новата британска сцена и тоа еден од најпопуларните состави на денешницата Рудиментал, кои со својот глобално докажан диџеј сет се приклучуваат на новото фестивалско лето во Дојран.
Глобалниот музички феномен Рудиментал, со својот диџеј настап ги обиколува најголемите фестивали во светот, а годинава во своите дестинации го запишува и премиерниот настап на единствениот летен фестивал на отворено во Македонија, Д Фестивал . Во претходните години овој ултимативен хит квартет, како тајфун ја освои светската сцена и Рудиментал денес со право важат за еден од најбараните музички колективи. Сопственици се на престижната „Брит“ награда, како и првото место на островската топ листа, со албумот „Home“ кој оствари мулти-платинести тиражи во неколку земји од светот, со апсолутните радиски хитови како „Not Giving In“, „Free“ или „Feel The Love“. Стотина милиони прегледувања на „Јутјуб“ бележи и незаборавната „Waiting All Night“, која од страна на фестивалската публика во светот убедливо беше прогласена за химна на летото.
Настапот на Рудиментал е специјален подарок за публиката на Д Фестивал. Посетителите на Д Фестивал годинава ќе имаат прилика од 14-ти до 16-ти јули да уживаат во програмата со повеќе од 40 музички артисти кои ќе ја одбележат седмата едиција на единственото фестивалско летување кај нас. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива