мај 8, 2017

Охрид, 8. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – По повод 9-ти мај, во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид беше отворена изложбата „Победата над фашизмот“.

Организатори на ова случување беа Амбасадата на Руската федерација во Република Македонија, Почесниот конзулат на Руската федерација во Охрид и Општина Охрид.

izlozba2Како Ден на победата над фашизмот, 9-ти мај се прославува во целиот свет. Тоа е еден голем ден бидејќи е извојувана една од најкрвавите битки можеби воопшто во историјата на човештвото, истакна почесниот конзул на Руската федерација во Охрид, проф. д-р Велимир Стојковски.

VelimirStojkoski– Оваа изложба е посветена на денот на победата над фашизмот. Преку 30 фотографии е преставен денот на ослободувањето на различни градови низ Европа, во кои учествувала и руската армија. Ова е еден наш придонес во севкупното одбележување и манифестаците кои се одвиваат во Република Македонија и ширум светот по повод овој значаен историски датум, рече Стојковски.

izlozba4Изложбата претставува реална слика за тоа што се случувало во тоа време. Овие стари фотографии се документ за тие кои војувале и го дале својот живот во тие тешки години, потенцира првиот секретар во амбасадата на Руската Федерација во Република Македонија, Александар Алексеев.

– Фотографирани во време кога не постоела современа технологија, сликите се реален израз на луѓето кои со голема радост ја дочекале слободата. Ваквите изложби се значајни за сите, особено за најмладите, за учениците, на кои треба да им кажеме дека треба да се сеќаваат и да знаат што е војна и какви лоши работи носи таа и тоа да го имаат пред себе како нешто што никогаш не смеат да дозволат да се случи. А за оние кои се подготвуваат или имаат намера да го реинкарнираат фашизмот, ова треба да биде знак и јасен сигнал каков крај ќе го дочека таквиот обид да се внесе хаос и немир во светот, подвлече Алексеев.

Безусловната капитулација на Третиот Рајх е потпишана во разурнатиот Берлин, само неколку минути по полноќ, на 9-ти мај. Капитулацијата во име на Врховната германска команда ја потпишаа фелдмаршалот Вилхелм Кајтел, генералот Ханс Јирген Штумпф и адмиралот Ханс Георг фон Фридебург. Од страна на сојузниците договорот го потпишаа рускиот маршал Георги Жуков и британскиот генерал Артур Тедер. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука