мај 10, 2017

Струга/Охрид, 10. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Наградата „Јован Котески“ за необјавена поетска книга, годинава ја доби поетскиот ракопис „Бришан простор“ на охридскиот поет Зоран Јакимоски.

По седми пат наградата ја доделуваат Културниот центар „Бран“ и Ревијата за книжевност „Бранувања“ од Струга.

По објавениот Конкурс што го распиша Културниот центар „Бран“ од Струга и Ревијата за книжевност „Бранувања“, жирито за доделување на наградата „Јован Котески“ за 2017 година – Зоран Пејковски-претседател, Христо Петрески и Марина Мијаковска-членови, откако ги разгледа поетските ракописи, едногласно одлучи и наградата ја додели на стихозбирката „Бришан простор“ од Зоран Јакимоски.

– Се работи за строго заокружена лирска целина, плод на внатрешен, емотивен но и општочовечки конфликт. Стиховите се во знакот на силните бои, мириси и вкусови, кои ги поврзуваат минатото, сегашноста и иднината во духот на современите поетски трендови. Преплетот на личното и колективното, состојбите и настаните, е на потврдено уметничко рамниште и претставува збогатување на современата македонска поезија, стои во образложението на комисијата.

Зоран Јакимоски е роден 1968 во Велестово- Охрид. Студирал на Филолошкиот факултет во Скопје. Автор е на седум книги поезија и тоа: „Граматика на поривот“ (КММ, 1994), „Совршен молк“ (Студентски збор, 2001), „Зборот неизречен“ (Манифестација Поетска ноќ во Велестово, 2004), „Морето се мурти“ (библиотека Григор Прличев-Охрид, 2010), „Влажна месечина“ (Макавеј, 2010), „Ништо не е недостижно“ (ПНВ Публикации, 2014) и „Задачите се зададени“ (ПНВ Публикации, 2017). Негови песни се препеани на англиски, полски, украински, бугарски, хрватски, романски, итн. а самиот препејува од бугарски и хрватски на македонски јазик. Застапуван е во повеќе избори и антологии објавени во Македонија и во странство. Носител е на повеќе награди (наградата на Млада Струга за 1995 г. и др.), а освен поезија во периодиката објавува и критика. Член е на ДПМ од 2012 година.

Досегашни добитници на наградата „Јован Котески“ се Трајче Кацаров, Санде Стојчески, Витомир Долински, Христо Петрески, Марина Мијаковска и Зоран Пејковски.

Наградата на Зоран Јакимоски ќе му биде врачена на 7 јули во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга за време одржувањето на меѓународната манифестација „Струшки книжевни средби“-2017. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука