мај 10, 2017

Охрид, 10. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Најкраткото траење на брачна заедница во Охрид е околу шест месеци.

Толкав е периодот ако се земе во предвид крајната пресуда од Основнот суд, иако партнерите многу порано се разделиле. Ова го истакна директорката на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа, Ајтен Мусли.

– Во текот на 2016 година Центарот за социјална работа спроведе мировни постапки и даде мислење за доверување на малолетни деца, по барање на охридскиот Основен суд, во 53 предмети. Ова не е реалната бројка и вистинскиот показател за бројот на разводи, од причина што има бракоразводни постапки кои ги води судот, а  за кои не се бара мислење од нашиот центар. Што значи бројката на разводи во Охрид во минатата година е поголема, истакна Мусли.

Кога сме кај податоците за минатата година, директорката Мусли рече дека имало две постапки за склучување на малолетнички брак. Возраста на лицата е 16 години.

Што се однесува пак, за тековнава 2017 година, Мусли рече дека досега кај нив се поднесени 22 барања за спроведување мировна постапка од Основниот суд.

Ако се земат во предвид статистичките податоци, ќе се утврди дека бројот на барања од Основен суд за спроведување мировна постапка по тужба за развод на бракот во изминатите години се движи околу 60 до 70 постапки годишно, вели Мусли.

razvod1

Во секој брак се појавуваат проблеми, меѓутоа некои сопружници ги надминуваат, додека други за жал бараат развод. Како причини за прекинување на брачната заедница, социјалните работници ги наведуваат недовербата, потоа нетрпеливост, различни ставови во воспитување на малолетните деца, а и невработеноста е една од причните за развод.

Последниве години на брачниот стаж влијаат и социјалните мрежи, работењето во смени и љубомората, но и економската зависност и влијанието од родителите. (Крај)

извор: ОхридПрес   фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука