мај 10, 2017

Охрид, 10. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Автопатот Кичево – Охрид, кој според најавите се очекува да биде завршен на почетокот на следната година, ќе добие „само“ една патарина, како дел од шесте нови наплатни станици кои ќе бидат поставени на патиштата кои се во градба во државата.

На автопатската делница Демир Капија – Смоквица, која треба да биде пуштена во употреба до крајот на месецов, е предвидено да бидат поставени дури три патарини. На автопатот Миладиновци – Штип, кој исто така треба да биде завршен годинава, е предвидено да бидат поставени две наплатни станици.

Во моментов, по патиштата низ Македонија има поставено 10 патарини. Тие, според критиките на возачите, но и според упатените во оваа област, се поставени на кусо растојание и го отежнуваат возењето, а во летно време, често се создаваат и долги колони, кои значително го зголемуваат времетраењето на патувањето.

Од друга страна, според критиките од пред три години кога се зголемија цените на патарините, тие се неприспособени на потрошувачката моќ на населението. Критики во јавноста често има и за тоа во каква состојба се автопатите, колку се обезбедени од страните за да нема одрони и за да не претрчуваат животни, како и за тоа во каква состојба се алтернативните патишта. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука