Софија/Охрид, 11. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во галеријата на Столичната библиотека во Софија беше презентирана поезија од 16 македонски автори, во рамки на шестата „Европска ноќ на литературата“ која во исто време се одржува во уште 12 бугарски градови.
Меѓу авторите чија поезија беше презентирана, е и охридскиот поет Славе Ѓорго Димоски.
Исто така се читаше поезија и на други македонски поети, како Ристо Јачев, Влада Урошевиќ, Михаил Ренџов, Анте Поповски, Радован Павловски, Лилјана Дирјан, Никола Маџиров…
Македонската презентација ја организираше Културно-инфомативниот центар на Република Македонија во Софија, кој петта година е вклучен во организацискиот одбор на овој европски проект, во рамки на програмите ЕУНИК (Европска асоцијација на културни институции).
Меѓу гостите беше присутен и македонскиот амбасадор во Бугарија, Марјан Ѓорчев. КИЦ на РМ е меѓу 20-те институции вклучени во поетската ноќ – амбасади, културни институти или центри кои имаат свои седишта во главниот град на Бугарија, меѓу кои оваа година првпат учествуваат и амбасадите на Исланд, Норвешка и Португалија.
– Ме радува што оваа година имаме уште повеќе посетители и што овој настан првлекува и млада публика. За годинашното претставување избравме лирска поезија од македонски поети од различни генерации. Имаме и атрактивен простор – Столичната библиотека која е на фреквентна локација. Задоволен сум од соработката со другите странски партнери во проектот, а особено добра соработка имаме со Чешкиот културен центар кој е лидер на проектот „Европска ноќ на литературата“ во Софија, изјави Васко Шутаров, директор на КИЦ на Република Македонија во Софија.
Настанот официјално беше отворен во Градската градина во Софија, каде што Катерина Хуртаева, директор на Чешкиот центар, истакна дека целта на манифестацијата е да се афирмира современата литература од земјите вклучени во проектот, која е преведена на бугарски јазик. За да се привлече што повеќе публика, читањата се организираат и на необични места и на јавни простори. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива