мај 12, 2017

Скопје/Охрид, 12. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Вчера се одржа годишно Собрание на акционери на Охридска банка Сосиете Женерал. Акционерите ги потврдија и усвоија успешните резултати и финансиските извештаи од работењето на Банката за 2016 година.

– Охридска банка Сосиете Женерал континуирано ги имплементира стратешките приоритети на своето делување, со особена посветеност и фокус на потребите на клиентите од деловниот сектор и секторот население. Како резултат на развојот на активностите, преку зајакнување на приходите и преку контролирање на трошоците, во 2016 година Банката оствари нето добивка од работењето во износ од 435 милиони денари што е за 8,9% подобар резултат од оној постигнат во 2015 година. Билансот на состојба на крајот на 2016 година изнесува 36 милијарди денари со тренд кој е во рамките на планираните достигнувања, забележувајќи пораст од 8,1% во однос на 2015 година и зголемено пазарно учество од 7,8% (2015) на 8,1% (2016), информираат од Охридска банка Сосиете Женерал.

Остварениот кредитен раст од 10,7% е неколкукратно повисок од растот на вкупните кредити во банкарскиот сектор кој изнесува 1,2%, со што Банката го зголеми своето пазарно учество од 8,3% (2015) на 9,1% (2016) според вкупни кредити.

Депозитите од клиенти остануваат примарен извор на финансирање и бележат континуиран пораст кој за 2016 година изнесува 12,5% што е повеќе од двојно повисок од реализираниот на ниво на банкарски сектор (5,4%). Истовремено, пазарното учество кај оваа категорија е зголемена од 7,4% (2015) на 7,9% (2016).

– Изминатата 2016 година не беше лесна година, каматните стапки беа пониски дури и од годината пред тоа, странските инвестиции се намалија уште повеќе, политичката криза се продлабочуваше, стабилноста на девизниот курс и депозитите беше предизвик, конкурентите беа поагресивни од претходно, додека регулаторите ги зајакнаа своите барања. Во вакво опкружување, нашата стратегија беше да се продолжи со трансформацијата започната во 2015 година, понатамошна оптимизација на трошоците, зголемување на ефикасноста, и што е најважно од сé – позиционирање на Банката како модерна и иновативна банка на пазарот. Целиот тим на Охридска банка беше насочен кон остварување на целите и со задоволство можам да потврдам дека сите заедно успеавме да постигнеме одлични резултати. И наша цел не е само да продолжиме континуирано со добри резултати, туку и да го подобриме задоволството на клиентите и да станеме банка која ќе претставува пример за одлични односи со клиентите, изјави Бранка Павловиќ, Претседател на Управниот Одбор на Охридска Банка Сосиете Женерал.

За Охридска Банка Сосиете Женерал 2016 година е најуспешна за целокупниот период од своето постоење. Во контекст на извонредните резултати и постигнатите финансиски перформанси, Собранието на акционери на Охридска Банка Сосиете Женерал ја усвои одлуката, 10% од остварената нето добивка за 2016 година во еквивалентна вредност од 43,4 милиони денари или 99 денари бруто износ по акција, да биде исплатена како дивиденда на сопствениците на акции.

Павловиќ додава дека банката и во 2017 година продолжува со своите заложби да ја модернизира и усоврши оперативната ефикасност, да го искористи потенцијалот на пазарот, да воведе нови иницијативи и иновации во сите сфери на делување и да остане посветена на јакнењето на задоволството на индивидуалните и на корпоративните клиенти како нивен посветен и одговорен партнер и да прерасне во најпрепорачана банка од страна на клиентите. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука