мај 13, 2017

Охрид, 13. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Да се заинтересираат младите да почнат да се вклучуваат што е можно повеќе на организирани акции за доброто на заедницата, е една од главните цели на акцијашките клубови, кои функционираат и активно работат на територијата на Република Македонија.

Триесетина делегати од четири градови, Охрид, Скопје, Куманово и Штип денес во Охрид присуствуваа на првото Годишно собрание на Сојузот на акцијаши и волонтери на Македонија.

akcijasisobranie1

Како што вели Зоран Стевоски, претседател на Акцијашкиот клуб „Брег на младоста“, нивната идеја за хуманост, солидарност и акција треба да ја продолжат младите.

– Се сеќаваме на младинските работни акции во времето на поранешна Југославија. Луѓето се дружеа, имаше некои други вредности, кои сега ги нема. Ние сакаме да ги наметнеме, но да е нов принцип, каде што младите ќе научат што е волонтеризам, што е тоа солидарност, затоа што тоа го нема ни меѓу младите, а ни меѓу повозрасните, објаснува Стевоски.

Јусуф Љатифи, претседател на Здружението на акцијаши од Куманово, потенцира дека акцијаштвото и волонтаризмот, добиваат на сличност, а ги спојува тоа што двете активности се поставени на основа на служење за доброто на заедницата, без барање на надомест. Имаат заеднички точки, сродни се, иако волонтерството произлегува од акцијаштвото, доброволното работно ангажирање. Само доколку се придонесува за доброто на локалната заедница, може да станува збор за успешна акција, дополнува Љатифи. Волонтерството кај нас е сеуште во првични чекори. Постои Сојуз на волонтери на Македонија, кој функционира од 2006 година, но не е регистриран официјално како здружение.

akcijasisobranie2

– Ние поранешните акцијаши, сега со она дополнение, волонтери, работиме повеќе практично, што значи, промовирање и развој на волонтеризмот во сите области. Како приоритет се заштита и унапредување на животната средина и хуманизмот. Акцијаштвото во поранешна Југославија, беше во едно друго време и имаше други услови на живеење, денес акцијаштвото е нешто сосема друго. Ние акцијашите од тоа време, ги следиме трендовите кои се во светот. Има перспектива, но не во онаа дигресија кога била Југославија, истакнува Љатифи.

akcijasisobranie3

На собранието се разговараше за активностите на акцијашите од цела Македонија кои ги спроведоа во 2016 година, а беше донесена Програмата за работа на сојузот за 2017 и дел од 2018 година. Акцијашите денес во Охрид имаа и активности практично. Беа утврдени дел од насоките за организирање меѓународен волонтерски камп „Охрид 2017“. Потоа имаше акција за расчистување на зелениот простор од Билјанини извори до хотел Белведере во соработка со ЈП Охридски Комуналец. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука