Охрид, 14. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Меѓународниот волонтерски камп „Охрид 2017“ ќе се организира при крајот на август, најави Зоран Стевоски, претседател на Акцијашкиот клуб „Брег на младоста“.
– Ќе се работи на одделни делници во Охрид. Акции ќе има конкретно на сливните подрачја на Коселска Река, Грашница и Рачанска Река. Сé е веќе договорено, постојат уште неколку финеси да се завршат непосредно пред организирањето на кампот, додава Стевоски.
Идејата и желбата за организирање на ваков камп во Охрид, постои повеќе години наназад. На бившите ју простори постојат некаде околу 36 вакви здруженија. Во нивни рамки има и клубови на млади кои соработуваат меѓу себе. Желбата за организирање на Меѓународен волонтерски камп во Охрид е да се развие акцијашкиот дух кој постоел порано. На кампот ќе можат да се дружат сите членови на младинските клубови кои се во Македонија и пошироко.
Исто така, членови на Акцијашкиот клуб „Брег на младоста“ од Охрид, неколку години наназад учествуваат на Меѓународниот волонтерски камп „Краљево” во Србија.
Денес во светот волонтираат над 200 милиони луѓе. А Сојузот на акцијаши и волонтери на Македонија сакаат тој волонтеризам да го развијат на ниво и кај нас. Акцијашкиот клуб „Брег на младоста“ од Охрид има над 200 членови. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес