Скопје, 23. октомври 2014 (ИНПРЕС) – Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорѓе Иванов, по повод одбележувањето на државниот празник 23 Oктомври – Денот на македонската револуционерна борба упати честитка до граѓаните на Република Македонија.
– Одбележувањето на празникот на македонската револуционерна борба го симболизира континуитетот на македонскиот стремеж кон слобода и државност. На овој ден им оддаваме почит на македонските визионери и револуционери, на сите знајни и незнајни дејци и борци кои се бореа и изборија за нашата слобода. Патот до слободата што на 23 октомври 1893 година го започнаа шестмината македонски родољуби, го изодеа и Илинденците од 1903-та и борците во Народноослободителната и антифашистичка борба од 1944-та. Патот до слободата конечно го завршија македонските граѓани, на третиот Илинден, на 8 септември 1991 година, вели Иванов.
– Наша должност е да го исполнуваме заветот на предците – сложно и заеднички да ја чуваме нашата Република Македонија, независно од етничката, верската, политичката или која било друга припадност. Македонија е една и единствена, а наша задача е да им ја предадеме на нашите потомци. Заедно и обединети да ја градиме иднината и напредокот на европска и евроатлантска Република Македонија. Оние кои мечтаеа за независна и демократска македонска држава може да се гордеат со генерациите што доаѓаат, се вели во продолжение на честитката. (Крај)
извор: Инпрес фото: архива