Охрид, 20. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) — Охридските пожарникари од Територијалната противпожарна единица годинава го одбележаа денот посветен на противпожарната заштита со кратка обиколка со возилата околу централното градско подрачје.
Во дворот на противпожарна единица беа изложени дел од возилата, кои го сочинуваат возниот парк. Неколку деца од предучилишна возраст, пак, имаа можност да се возат со дел од противпожарните возила, што за нив секако претставува радост. Некои од децата изразија и желба, кога ќе станат возрасни, да работат токму како пожарникари.
По повод Денот на пожарникарите, од охридската пожарна порачаа до граѓаните, посебно во пресрет на сезоната, да внимаваат и да не палат оган на отворено. Како што наближува летото и можноста за пожари е поголема.
– Најважно е да се подигне нивото на противпожарната свест со цел превентивно да се влијае врз појавата на пожари, а нивниот број да се намали, додаваат од Територијалната противпожарна единица од Охрид.
Традиционално секоја година на различни начини се одбележува 20 мај – Денот на пожарникарството во Република Македонија. На овој ден во 1836 година во Битола е формиран првиот противпожарен одред. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес