Охрид, 20. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Од 18-ти до 29-ти јуни во хотелот „Метропол“ во Охрид ќе се одржи 15-та Шаховска олимпијада за слепи и визуелно хендикепирани лица во девет натпреварувачки кола, што е најголем шаховски настан организиран кај нас во оваа категорија.
– Организациските и натпреварувачките подготовки се одвиваат според замислениот план. Засега петте шахисти што ќе ги бранат боите на Македонија се подготвуваат индивидуално, но од 10 јуни се предвидени и неколкудневни заеднички подготовки во Охрид или во Струга, каде што со нив ќе работат нашите искусни шахисти Трајко Недев, Влатко Богдановски, Атанас Кизов, вели репрезентативецот Жарко Селковски, кој ќе биде дел од македонската репрезентација на претстојната Шаховска олимпијада.
За Македонија ова ќе биде петти настап на еден ваков настан. Досега настапила на четири, а најдобриот пласман го остварила во Шпанија (2004 година), кога го освоила 10-то место со 19,5 поени, додека на последната во Ченаи, Индија (2012), не настапи.
– Очекувам добар настап во Охрид, а тоа значи пласман на 7-8 место, што би претставувало голем успех за нас, со оглед на силната конкуренција што ќе биде присутна во Охрид. Што се однесува до фаворитите за највисок пласман, би ги издвоил Русија, Полска, Украина, истакна Селковски.
Засега се пријавени 28 репрезентации, но овој број не е дефинитивен, па можно е да ја надмине и бројката од 30 селекции со над 300 шахисти. Секоја репрезентација се состои од пет шахисти (четири плус една резерва), од кои четворица имаат право на настап во секое натпреварувачко коло. Партиите ќе се играат со временско темпо од два часа за 40 потези, плус 60 минути до крајот на партијата. Главен судија на Шаховската олимпијада ќе биде Иван Кочовски, додека негов помошник Сашко Лакински.
Како што е познато, Скопје во 1972 година беше домаќин на 20-та јубилејна Шаховска олимпијада, која многумина и до ден-денес ја сметаат за ненадмината на организациски план. (Крај)
извор: Нова Македонија фото: Нова Македонија