мај 22, 2017

Охрид, 22. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – По повод Националниот ден на Власите, претставници на Охридското здружение на Власите, вчера присуствуваа на свечената академија која се одржа во Скопје.

И во Охрид ќе се одбележи овој ден, но како што велат од здружението, активностите ќе бидат со мало одложување од неколку дена.

– Во секој случај, за прославата во Охрид, и годината нема да изостане свечената академија. Поради некои обврски, оваа година моравме малку да ги одложиме активностите за одбележување на овој ден. Покрај свечената академија, ќе има и промоција на книга, најави актуелниот претседател на Здружението на Власите од Охрид, Драган Коровешоски.

Влашката заедница во Охрид од самото востановување, работи во заедништво со останатите заедници. Оваа заедница во континуитет дава придонес за развојот на Охрид, како во делот на економијата, така и во културниот развој.

Годинава се навршуваат 117 години од Декретот на турскиот Султан Абдул Хамид Втори со кој Власите беа признати како посебен народ. Со овој документ издаден на 23 мај, во 1905 година Власите ги добиле сите права како и останатите немуслимански народи во рамки на тогашната Отоманска Империја. Годинава се одбележуваат и 10 години од прогласувањето на Националниот ден на Власите за државен празник и неработен ден за сите припадници на влашката заедница.

Утре, согласно Законот за празници, ќе биде неработен ден за граѓаните припадници на Влашката заедница во Македонија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука