Охрид, 22. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Аеро клубот „Охрид“ од Охрид ниже нови успеси, откако викендов негови членови постигнаа забележителен успех на 65-то Државно првенство во воздухопловно моделарство кое се одржа во Прилеп.
На првенството учествуваа 10 клубови од земјава. Веќе ни премина во традиција од вака големи натпревари да не се враќаме без медали, истакна тренерот во аеро клубот, Митко Цветановски. Тој е воедно и меѓународен воздухопловен судија, учествува во сениорската екипа, а ја предводи јуниорската.
– Особено се истакнуваме во моделите на гума, во најтешката класа слободен лет, која е најценета дисциплина во светот. На првенството во Прилеп оваа година првите три места во гумењаци класа F1B ги освои Аеро клубот „Охрид“, вели Цветановски.
Првото место му припадна на Аљоша Атанасов, втор беше Климент Масин и на третото место се пласира Александар Цветановски.
– Имавме забележителни резултати во категоријата F1X и јуниори, таму второ место освои Петар Цветановски. Тој освои доволно бодови за пласман на претстојниот Европски шампионат, кој на 27-ми јули ќе се одржи на спортскиот аеродром во Прилеп. Севкупно, според бодовите, како клуб го освоивме третото место, потенцира Цветановски.
Прилеп е една база на спортски воздухопловни настани. Како што кажа Цветановски, учество на Европскиот шампионат ќе земе и Александар Цветановски, во гумењаци класа F1B, кој лани бил претставник на Македонија, единствен од јуниори во F1B.
– Од настаните во странство, лани бевме дел од Европското првенство во Зрењанин, каде зедовме учество во гумењаци. Овде морам да го споменам и Александар Колов, програмер кој живее во Скопје, а е дел од нашиот клуб. Тој лани настапуваше на Меѓународниот натпревар за дрон во Скопје, каде меѓу 40 натпреварувачи од цела Европа беше третопласиран. На 6-ти јуни имаме Светско првенство во free flight, кое ќе се одржи во Унгарија. Охридскиот клуб секако ќе земе учество со моделите на гума. Котизацијата за учеството е веќе уплатена од страна на Агенцијата за млади и спорт, но ни се потребни уште средства за самото патување и престојот таму, за достоинствено претставување на Македонија и Охрид, рече Цветановски.
И покрај завидните постигнувања на домашни и меѓународни натпревари, Цветановски вели дека кубурат со финансиски средства. Сами се финансираат и се снаоѓаат како знаат и умеат.
– Леталата се изработуваат од композитни материјали. Самите моделари ги купуваат материјалите и ги изработуваат леталата. Сите престижни руски, американски институти стојат зад своите моделари, а за жал, позади Аеро клубот „Охрид“ стојам само јас како тренер, рече Цветановски.
Тој вели дека токму немањето финансиски средства било причина во два наврати да ја изгубат добиената кандидатура од страна на Француската федерација, Охрид да биде домаќин на престижни натпревари.
Аеро клубот „Охрид“ во моментов брои шест членови. Официјално постои на документ, но немат просторија. Пробите ги одржуваат на спортскиот аеродром во Мало Коњари. Цветковски додава дека благодарение на нивниот ентузијазам успеват да бидат во врвот, рамо до рамо со клубови кои имаат спортски аеродроми, со школи за летање и пилоти. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: Аеро клуб „Охрид“