Охрид, 23. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Таеквон-до клубот „ХВА РАНГ ИТФ” од Лескоец – Охрид викендов настапи на „15 Љубљана Опен”, во Словенија, кој е еден од најсилните меѓународни таеквондо ИТФ турнири за пролетната натпреварувачка сезона.
Охридскиот клуб настапи со 15 спортисти во 3 дисциплини, форми и борби поединечно, и борби екипно, каде настапија со три екипи, деца до 14 години, девојчиња до 14 години и јуниори до 18 години.
– Овој турнир ќе го запаметиме по повеќе работи, ќе го паметиме по тоа што освоивме 30 медали, досега рекорд на освоени медали на еден турнир, 3 златни, 11 сребрени и 16 бронзени, велат од клубот.
Сите натпреварувачи од „ХВА РАНГ ИТФ” од Лескоец се закитија со медал, некои по 2, а некои и по 3 медали. Клубот а прв пат настапуваше со девојчиња до 14 години, кои успеаја да се закитат со сребро. Јуниорската екипа стигна до полуфинале и во полуфинале загуби од Чешката репрезентација.
Извонреден настап имаше Јане Димов, кој го победи атрактивно претставникот од Чешка. Посебно се истакна Филип Трифуноски, а одлично претставување имаше Климент Кузманоски, кој во првата борба со атрактивни удари го натера противникот од Чешка да ја откаже борбата. Охриѓанецот Марио Крстески демонстрираше одлична техника во неговите борби.
Од клубот додаваат дека одлични резултати имал Антонио Јанески, а оваа година исто така како нокаутер на 13 години, се истакнал одличниот Божидар Димитриевиќ. Тој воедно е најзаслужен за пласманот на охридската екипа – деца до 14 години.
– Дефинитивно можеме да кажеме дека на овој турнир најдобри беа Божидар Димитриевиќ и Јане Димов. За сите овие незаборавни моменти на радост кои вечно се паметат, е најзаслужен нашиот генерален спонзор „ПН Метал”, кој секогаш стои зад нас и ни помага да ја претставиме нашата држава Македонија во најубаво светло, додаваат од клубот.
На турнирот зедоа учество околу 300 натпреварувачи од 23 клубови од 9 земји, Македонија, Словенија, Хрватска, Србија, БиХ, Австрија, Словачка, Чешка и Унгарија. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: Хваранг ИТФ