Охрид, 25. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – На почетокот на следниот месец, непосредно пред завршувањето на школската година, полуматурантите ќе го прослават завршувањето на основното образование.
Охридските полуматуранти веќе се подготвуваат за прославата. Велат дека славењето ќе биде скромно, а целта е да се одбележи крајот на деветгодишното образование. Меѓу родителите има поделени мислења, дали полуматурата е новонаметната практика, или сепак треба на децата да им се дозволи едно задоволство плус, да прослават заедно со нивните врсници. Покрај организираната прослава од училиштата, мал дел од полуматурантите ќе прослават и во домашна атмосфера. Сепак, трошоците за полуматурите, според кажувањата на младите и нивните родители, ќе бидат доста поефтини, за разлика од она колку вообичаено се троши за завршувањето на повисоко образование.
Основното училиште „Григор Прличев“ ќе ја прослави полуматурата ма 9 јуни во хотел „Амбасадор“.
Од охридското училиште „Свети Климент Охридски“ велат дека прославата секако ќе се организира на почетокот на јуни, а Советот на родители треба дополнително да се договори за локацијата.
Додека од ОУ „Христо Узунов“ полуматура ќе слават на 7 јуни во хотел „Аквалина“.
Меѓу првите ќе прослават полуматурантите од ОУ „Кочо Рацин“. Прославата ќе се организира на 6 јуни во хотел „Амбасадор“.
Од ОУ „Братство Единство“, пак, ќе слават три различни денови. На 8 јуни ќе слават македонските паралелки и тоа во хотел „Амбасадор“, учениците од турските паралелки ќе се сретнат на 9 јуни во хотел „Дрим“ во Струга, а албанските паралелки ќе прослават на 6 јуни во хотел „Фламенго“.
Прославата за учениците од ОУ „Живко Чинго“ од Велгошти е резервирана за 8 јуни во хотел „Панорама“.
Речиси сите основни училишта од Охрид ќе слават полуматура во период од една недела. Иако за полуматурантите една недела порано ќе заврши школската година, нивните активности ќе бидат насочени кон запишување во некое од средните училишта. Средното образование е задолжително за сите ученици од републикава. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива