Скопје, 26. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Туристичко угостителската комора на Македонија (ТУК) излезе со анализа пред почетокот на летната сезона.
Според податоците од анализата, дел од аранжманите се продадени, како резултат на создадената навика кај граѓаните за неколку месечна предвремена резеревација за летните одмори со вклучен попуст, но сепак поголем дел од аранжманите се очекува да се продадат во претстојниот период.
– На прагот на летната сезона, дел од македонските туристи веќе имаат одлучено и резервирано аранжмани за ова лето, уште од крајот на минатата година, поради актуелните попусти кои се нудат за рана резервација. Сепак, како резултат на случувањата и неизвесноста поголем дел од граѓаните се уште не се одлучиле каде ќе летуваат годинава и термините за одмор ги добиваат подоцна во текот на сезоната. Тогаш, застапена е побарувачката Last Minute, која е поволна, но изборот е сведен на минимум и дефинитивно кога станува збор за заштеда на семејниот буџет, многу поприкладни се раните резервации. Туристичката понуда за оваа летна сезона е различна, од вообичаените аранжмани за Грција, Турција, па се до понуди за Азурниот брег, Шпанија, Малдиви, Сејшели, Маурициус, Бали, Куба и останати поегзотични и нетрадиционални дестинации. Најбарани се аранжманите за Грција и Турција со Анталискиот регион. Добрата организираност, високиот квалитет на услугата во хотелите, морето и поволната клима се секогаш причини поради кои Турција се бара и посетува. Годинава цените за Турција со се вклучено се многу поволни и побудуваат интерес се движат од 299 евра по лице вклучувајќи и авионски превоз, хотел со пет ѕвезди, вели Аркан Керим, претседател на Туристичко – угостителската комора при ССК.
Од ТУК очекуваат поради близината и актрактивноста Грција и годинава да биде најпосетена дестинација за македонските туристи.
– Согласно сегашниот тек за претстојната летна сезона, Грција останува најбарана дестинација. Македонските туристи знаат што да очекуваат со уплатата на аранжманот, цената си го носи и квалитетот зависно хотелско или апартманско сместување, а секако и дестинацијата. Застапеноста е поголема за поблиските мориња, а често граѓаните одат и на проверени дестинации, онаму каде летувале и години наназад. За пред и по сезона има голема заинтересиранос поради тоа што се работи за поевтини понуди и се случува граѓаните да одат и по два пати на одмор. Во екот на сезоната интересот е голем за островите во Грција, особено од помладата популација. Како агенција работиме на зголемување на понудата, последните години хит дестинации се островите Скијатос, Лефкада, Амулијани. Што се однесува околу цените има мали поместувања нагоре, но долгогодишното партнерство влијае да не се зголемат цените кон нас, квалитетот и услугата да останат исти, а ние понатаму остануваме коректни и можеме да понудиме прикладни цени и кон домашните туристи, изјави Александар Чоневски, првиот човек на „Игуана травел“.
Во последните неколку години туристите кои сакаат да излезат од класичниот одмор, пројавуваат интерес и за далечните дестинации како Дубаи и останатите Емирати, Рас Ал Кајам , Ајман , и секако за Куба, Малдиви, Занзибар и други егзотични дестинации, како и за крстарења.
– Овие дестинации стануваат се поатрактивни за нашите патници, како замена за класичен одмор од седум до десет дена само на едно место. Посебно оваа година, заради цената, атрактивни се понудите за одмор во Египет и Тунис и за млади дестинации како Крит и Родос. Покрај веќе познатите дестинации кои ги нарекуваме еден вид традиционалните одмори, она што ние ексклузивно го нудиме е летување во Обединети Арапски емирати од јули достапни скоро секој ден со летови од Скопје со прекрасни плажи и хотели со вистински 5 звезди. Нашата понуда на база се вклучено за Рас Ал Каимах, Шаржа, Ажман, веќе е достапна за секого, притоа имајќи предвид дека за фамилијарните одмори во хотел, две деца може да летуваат гратис. Летување на некоја од егзотичните дестинации без визи и со прифатливи цени како Занзибар, Бали , Шри Ланка, Куба се само дел од нашата богата понуда, изјави Мимоза Конеска-Каимовски генерален менаџер на „Војажер“.
Според ТУК, годинешната летна туристичка сезона, согласно првичните проценки кои се направени и покрај влијанита на политичката криза и воздржаноста на граѓаните како резултат на неизвеснота, очекуваат да биде успешна со стабилизацијата на пазарот. Порачуваат, граѓаните да патуваат со етаблирани туристички агенции добро да се разгледаат аранжманите за да не се најдат во ситуација кога се изманипулирани и не ги добиле услугите кои претходно им биле ветени. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ТУК