мај 27, 2017

Охрид, 27. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Охридските ученици кои го завршуваат средното образование денес го полагаат првиот предмет од државната матура – мајчин јазик.

Во дворот на охридската гимназија беше тивко, а само мал дел од учениците предвреме го завршија тестирањето. Останатите имаат време на располагање од четири часа да ги одговорат зададените прашања по задолжителниот предмет мајчин јазик и литература. Учениците велат дека навремено започнало тестирањето.

– На време започнавме. Не беше многу тешко. Се надевам дека ќе имам добри резултати, затоа што учев во текот на целата година. Некои завршивме порано, некои уште полагаат.

– Македонски јазик мене ми е омилен предмет, добро одговорив на прашањата, па ќе видиме какви ќе бидат резултатите. Се надевам дека ќе биде одлично.

– Учевме заедно со другарките последните денови. Мислам дека ќе имам добри резултати.

– Добро беше, треба да се подготвиме сега и за другите предмети, посочуваат матурантите.

drzavnamaturapolaganje2

Голем дел од младите се согласуваат дека треба да се почитуваат правилата за полагање на испитите од државната матура. Додаваат дека не би било фер да има ист третман со оние кои препишуваат, и оние кои учеле вредно и редовно. За време на полагањето на учениците не им е дозволено да користат дополнителна хартија, мобилни телефони и други електронски уреди. Строго се забранува договарање, консултирање или препишување од останатите кандидати. Доколку некој ученик ги прекршува правилата, тестаторот, односно набљудувачот, има право да преземе мерки, прво да го опомени ученикот, а доколку продолжи со недоличното однесување, може и да го прекине испитот.

Во наредните денови, до 14 јуни во средните училишта ќе се полагаат екстерните испити од останатите предмети од државната матура во јунската испитна сесија.

На 10-ти јуни средношколците ги очекува полагањето странски јазик.

Математика ќе се полага на 12-ти јуни, додека последниот екстерен испит од државната матура ќе се полага на 14-ти јуни. Ќе може да се избира меѓу неколку предмети (биологија, хемија, физика, историја, бизнис, филозофија и естетика).

Првичните резултати на учениците ќе им бидат достапни за поднесување на евентуален приговор најдоцна до 14-ти јули. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука