Охрид, 29. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во петок, 2 јуни, со почеток во 19 часот во Галеријата Робевци во Охрид ќе се отвори изложбата „Мал формат“ на Друштвото на ликовни уметници на Македонија.
Малиот формат како творечки предизвик претставувал честа дневна практика на сликарите и скулпторите во ситната пластика.
– Магијата на „малиот квадрат“ во површина 25х25 претставувала искушение и за најголемите мајстори на четката и бојата. Пикасо, Дали, Матис, Лотрек, Ван Гог, Гоген, сликари од сите школи и правци го чувствувале внатрешниот порив да го совладаат малиот квадрат, и на концизен, лапидарен, понекогаш метафоричен и езоповски начин да го транспонираат собитието и мотивот од големото платно во помалата мерка, вели Сашо Блажески, кустос во НУ Завод и музеј.
На оваа изложбата ќе бидат претставени дела изработени во најразлични ликовни техники од 50 македонски автори, членови на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива