Скопје, 30. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Свеченото одбележување на Јубилејот 90 години од раѓањето на Димитрие Османли започна синоќа во Кинотека на Македонија со пригодни беседи за доајенот на македонската кинематографија.
Вчера беше прикажан филмот „Мирно лето“ на Димитрие Рули Османли. Сцени од овој филм биле снимени во Охрид.
Одбележувањето на овој јубилеј ќе продолжи со проекции на филмовите од овој наш значаен филмски автор:
Вечерва од 20:00 часот ќе се прикажува филмот „Мементо“ од 1967 година, 97 мин., црно-бел, 35 мм, во режија на Димитрие Османли. Сценариото е на: Димитрие Османли, Јован Бошковски, Ташко Георгиевски.
Еден ден спроти земјотресот во Скопје, се запознаваат Вили Милер, германски диригент на пропатување низ Македонија, и Јана, млада девојка, студентка. Нивната повторна средба е по неколку години кога Вили Милер диригира еден концерт на Средбата на солидарноста во Скопје. Тие неколку дена минати заедно се исполнети со своевидна реминисценција на Јана за доживеаната семејна трагедија, за нејзините лутања и барање начин повторно да се започне животот, запрен во денот на замјотресот. Можноста да замине со Милер е привлечна, но Јана останува во Скопје. Нејзиното место е покрај момчето за кое ја врзува вистинска љубов.
Утре од 20:00 часот е прикажувањето на филмот „Ангели на отпад“ од 1995 година, 124 мин., колор, 35 мм, во режија на Димитрие Османли, а по сценарио на Томислав Османли.
Дејството на филмот „Ангели на отпад“ се случува во времето на пропаѓањето на некогаш актуелните општествени политички системи, на начинот на размислување, однесување, препорачливите норми… Падот на некогашните вредности во кој било домен на живеењето има своја рефлексија и во она што се нарекува стандард на секојдневното живеење, па затоа личностите во филмот се луѓе на маргините на материјалната егзистенција што во исто време не значи и дефинитивен пад на личното достоинство. Тоа се луѓе кои едноставно не умеат и не можат поради објктивни причини да се снајдат во едно „меѓувреме“.
На 1 јуни исто така од 20:00 часот ќе се прикажува филмот „Жед“ од 1971 година, 84 мин., колор, 35 мм, во режија на Димитрие Османли, а по сценарио на Живко Чинго.
Жителите на едно село во пасивен македонски крај својата егзистенција ја обезбедуваат испраќајќи ги мажите на печалба. Во селото работат и живеат три учителки, младите девојки Елица, Марија и Николина, и секоја на свој начин се обидува да му даде смисла на животот кој им е наметнат во оваа средина. Најголем проблем во селото е снабдувањето со вода. Од далечниот планински извор водата ја носи водоносецот Марко, кој е вљубен во сиромашната девојка Кате. Нивната врска нема перспектива поради исклучителната сиромаштија во која живеат. Монотонијата на селскиот живот се разбива со доаѓањето на групата рударски инженери кои во планината вршат истражувања.
И на 3 јуни во 20:00 часот ќе има проекција на избор на документарни и кратки филмови на Димитрие Османли. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива