Охрид, 31. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Постои голема заинтересираност да се биде дел од “Охрид трчаТ”.
Организаторите, Асоцијацијата на спортови “Спорт за сите – сите за спорт”, се задоволни од досегашниот тек на пријавувањето.
– Досега на порталот smartrace.club се пријавени 187 учесници. Од нив 36 се за трката од 10 000 метри, додека останатите се за рекреативната трка од 5 000 метри. Пријавувањето трае до 2-ри јуни, до 23:59 часот. За оние кои планираат уплатата на сумата за стартен пакет да ја извршат преку банка, крајниот рок за пријавување е до утре до 16 часот. Очекуваме до крајниот рок бројката да се искачи на околу 300 учесници, вели за Супер радио и OhridPress претседателот на Асоцијацијата на спортови, Иван Цветкоски.
Тој потенцира дека се многу задоволни од одзивот. Особено не радува што се пријавени бројни компании со свои тимови. Овој викенд улиците низ Охрид ќе ги искористиме за спорт,забава и дружење. Деталите околу трасата по која ќе се одвива трката, граѓаните ќе може да ги дознаат и преку промотивниот флаер, кој ќе може да се најде на повеќе локации низ градот, вели Цветкоски.
Спортско – рекреативната манифестација “Охрид трчаТ“ ќе се одржи во недела со почеток во 10 часот. Стартот и финишот ќе бидат на градскиот плоштад, а самата трка ќе се реализира низ улиците на Охрид и во стариот дел на градот.
Како увертира, утре од 10 часот на кеј “Македонија” ќе се одржи училишна трка во должина од 1000 метри, за ученици од деветто одделение. Стартот ќе биде пред споменикот на Ден Долард, а финишот пред споменикот на “Св. Кирил и Методиј”.
На 3-ти јуни ќе биде експото, односно доделување на стартните пакети, на платото пред Центарот за култура “Григор Прличев”. Истиот ден ќе има уште неколку настани поврзани со деца, со родители како и со лица со попреченост. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива