Струга, 31. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Преку фотографии на тројца холанѓани, ќе видиме како изгледала Струга и околината пред пет децении.
Утревечер ќе биде отворена изложбата “По стапките на А.Ден Долард” која произлезе како резултат на случајна виртуелна средба на тројца холандски туристи од седумдесетите и Владислав Жупан.
Marija Koopman, Fred Volpp и Carlus Koopman кампувале на брегот на Охридското езеро во регионот на Струга, во периодот 1973/75 година. Во тоа време многу холанѓани доаѓале во Македонија, а иницијална каписла за ваквиот интерес биле книгите на холандскиот писател А. Ден Долард. Овие тројца туристи секојдневно ги снимале и фотографирале свирачите на локалните свадби, струшките чалгиски тајфи, уличните свирачи на автобуската станица, децата од градот како и свадбите и обичаите во околните села.
Сега по речиси пет децении, тие ќе дојдат во Струга да ја отворат оваа изложба на фотографии и аудио матреријали.
Изложбата ќе се одржи во Домот на културата во Струга, а свеченото отворање е закажано за 19 часот.
Еден од организаторите е и струшкиот музеј “Д-р. Никола Незлобински”, каде по завршувањето, изложбата ќе стане дел од музејските материјали.
Сликите од изложбата ќе ги има и на интернет, во насока на поттикнување на холандските туристи да ги споделуваат и своите фото спомени од престојот во Охрид и Струга и повторно да дојдат овде. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: fb/vladislav zupan