Охрид, 2. јуни 2017 (ОХРИДПРЕС) – Со премиерата на претставата „Багаж“, синоќа во предворјето на црквата „Св. Софија“ беше отворено четвртото издание на Младински аматерски театарски фестивал „Вдиши театар“.
Фестивалот е во организација на Црвен крст од Охрид, како предвесник на охридското културно лето и се реализира од 1-4 јуни во Охрид.
– Првиот ден од овој фестивал беше резервиран за младите талентирани актери од театарската група на Црвен крст од Охрид кои премиерно ја изведоа претставата „Багаж“ под менторство на авторите Емилија Блажеска, Весна Терзиоска и Јованка Сион Доленц. Нашите актери на вешт начин ги пренесоа најчестите проблеми кои ги тиштат младите во Македонија и заради кои тие носејќи различен багаж и товар во својата душа, го напуштаат родниот град и татковината. На храбар и решителен начин младите упатија силна порака за љубов и простување и јасно кажаа НЕ на примитивизмот, предрасудите, неправдата и пореметените морални и етички вредности, информираат организаторите.
Во рамките на втората фестивалска вечер, театарската група на Црвен крст од Бар, Црна Гора, вечерва, во предворјето на црквата „Св. Софија“ со почеток во 20:30 часот ќе ја изведе театарската претстава „Разбуди се и биди тука“. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива