Струга, 2. јуни 2017 (ОХРИДПРЕС) – 48-годишниот К.Х. од Струга е уапсен во рамките на мерките за сузбивање на меѓународна организирана криминална група инволвирана во недозволена трговија со дрога.
Единицата за недозволена трговија во координација со Јавниот обвинител од ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција и СВР Охрид, покрај К.Х., од слобода го лиши и 34-годишниот С.А. од Скопје. Против двајцата, како и против двајца албански државјани, С.А.Д. (43) и А.Ќ. (44) до ОЈО за гонење на организиран криминал е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори’“.
Врз основа на спроведената истрага утврдено е дека К.Х. заедно со С.А. во февруари годинава организирале набавка на 38,955 килограми марихуана од непознати лица од Албанија, по што К.Х. заедно со двајца албански државјани С.А.Д. и А.Ќ., двајцата од Поградец, Република Албанија, организирале истата да биде пренесена од Албанија во Македонија по водите на Охридското Езеро.
Марихуаната била пренесена од страна на лицето А.Ќ. со моторен чамец и истата на брегот од езерото во близина на селото Калишта била превземена од лицето Ф.И. – член на оваа организирана група (кривично пријавен во февруари годинава во реализиран случај и заплена на 38,955 килограми марихуана) кој ја однел дрогата во неговата куќа во селото Калишта, со цел истата да му ја предаде на К.Х., а тој да ја продаде на лицето С.А. (Крај)
извор: МВР фото: архива