Охрид, 2. јуни 2017 (ОХРИДПРЕС) – Организаторите од Асоцијацијата на спортови „Спорт за сите – Сите за спорт“ ги соопштија деталите околу претстојните активности во рамките на Спортско-рекреативната манифестација „Охрид ТрчаТ“.
Вчера започнавме со училишната трка, на која учество зедоа над 350 ученици. Верувам ова ќе стане традиција и на некој начин чекор напред во збогатување на училишниот спорт и во иднина, рече претседателот на Асоцијацијата, Иван Цветкоски.
– За утре е предвидено експото, односно доделување на стартните пакети. Тоа ќе се реализира на платото пред Центарот за култура „Григор Прличев“, во периодот од 15:00 до 20:00 часот. Исто така, утре од 17:00 до 19:00 часот имаме активности за најмалите, за лицата со попреченост. Планирани се неколку спортски активности организирани од професорите по физичка култура, сегашни и поранешни атлетичари, рече Цветкоски.
Главната трка се одржува во недела, со почеток во 10:00 часот. Учесниците веќе од 09:00 часот треба да се присутни на градскиот плоштад, во 09:15 часот стартува загревањето, кое вклучува полачасовен аеробик предводено од тројца инструктори. На 15 минути до стартот на трката сите учесници ќе бидат упатени на местото за старт. Првопласираниот на трката од 10.000 метри се очекува на целта да пристигне за половина час, додека најбрзиот на 5.000 метри за 17 до 20 минути.
Цветкоски истакна дека досега се пријавени 330 учесници. Со оглед на тоа што онлајн пријавувањето сеуште трае, до полноќ се очекуваат уште 30-40 пријави. Според организаторите првата година на „Охрид трчаТ“ според бројот на учесници е повеќе од успешна.
Што се однесува до безбедноста, СВР Охрид на безбедносен план целосно ќе го покрие овој спортски настан. „Охрид трчаТ“ значително ќе го издигне Охрид на спортската туристичка мапа, потенцираат од секторот.
– Ние ќе вршиме физичко обезбедување на целокупната траса, почнувајќи од стартната позиција, па се до сите предвидени контролни точки. СВР Охрид ќе го покрива настанот и преку сообраќајната полиција, поточно свој ангажман полициската станица од општа надлежност, ќе имаат и службениците од полициската станица за безбедност во патниот сообраќај, потенцираа од СВР Охрид.
Од технички аспект на настанот ќе бидат вклучени 50 волонтери и редари кои заедно со полициските службеници ќе ја обезбедуваат трасата, информира Антонио Додески од Асоцијацијата на спортови.
– Имаме дополнително 20 судии кои и покрај електронското мерење на времето ќе бидат на одредени позиции. И покрај тоа што ги имаме преземено сите мерки за непречено одвивање на трката, апелирам до сите граѓани, особено оние кои гравитираат околу самата стаза, во периодот додека трае трката да се воздржат од користење на своите возила. Исто важи и за стопанските објекти, апелирам неопходните набавки да ги направат до 09:00 часот, рече Додески.
Спортско-рекреативната манифестација „Охрид трчаТ“ ќе биде пренесувана на во живо на интрнет, па така ќе можат да ја следат сите заинетресирани граѓани и љубители на спортот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес