јуни 6, 2017

Охрид, 6. јуни 2017 (ОХРИДПРЕС) – Алеш Чретник, агент во словенечката разузнавачка служба, кој моментално работи во мисијата на НАТО во Неапол, е човекот кој е уапсен во Република Македонија затоа што со дрон ја снимал претседателската вила во Охрид, објави словенечки „Репортер“.

Телевизијата ПОП ТВ, како што се наведува, јавила дека македонската полиција го уапсила Чретник во средината на април бидејќи со дрон, на кој била фиксирана камера, ја снимал резиденцијата на Иванов во Охрид. Словенецот прво бил осомничен за шпионажа, а потоа, по интервенција на словенечкото Министерство за одбрана била казнет со 500 евра. Веднаш потоа Чретник со семејството ја напуштил Република Македонија.

Чретник, според словенечките медиуми, е аналитичар кој работел и на Косово и во Босна и Херцеговина.

– Тој е исклучително способен и интелигентен човек, па тешко е да се поверува дека во близина на резиденцијата на македонскиот претседател само си играл со децата со дрон. Особено затоа што дронот бил многу скап, опремен со две ХД камери. Ако играл со децата, веројатно би имал дрон не поскап од 100 евра, изјавил словенечки извор, близок до разузнавачката служба.

Според словенечките медиуми, интересно е што Чретник се претставил како агент на словенечката разузнавалка и безбедносна служба, а покажал и картичка од НАТО. Ако се знае дека не бил во тајна мисија на словенечката служба, тогаш веројатно работел за НАТО, особено што се знае дека организацијата е многу загрижена за влошувањето на ситуацијата во Македонија. (Крај)

извор: мкд.мк фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука