Охрид, 7. јуни 2017 (ОХРИДПРЕС) – Состојбата со Охрид е оценета како сè поранлива во новиот извештај на Организацијата за образование, наука и култура на Обединетите Нации (УНЕСКО) за степенот на зачуваност во подрачјата прогласени за светски наследства. Како главна причина за можната деградација се наведени предвидените инфраструктурни проекти.
УНЕСКО бара од македонските власти да ги разгледаат опциите за еко-туризам, а плановите за Ски центар и експресен пат да ги стопираат веднаш и напуштат засекогаш. Мисијата, која ја посети Република Македонија, изразила загриженост за притисокот од зголемениот сообраќај, туризам и несоодветните инфраструктурни проекти, како развојот ски-центарот Галичица и експресниот пат кој е планиран да поминува низ таа територија.
– Овој притисок може да ги уназади клучните атрибути од природна и културна вредност на местото, ако не бидат преземени итни мерки. Дополнително, несоодветниот третман на отпадните води и цврстиот отпад може да предизвика еутрофикација и загадување, намалувајќи го олиготрофниот квалитет на водата во езерото, од кој зависи исклучителниот биодиверзитет, стои во извештајот.
Во извештајот се бара Комисијата на УНЕСКО до македонските власти да побара прекин на градежните проекти на ски-центарот Галичица, како и делниците (а) и (е) на А3 експресниот пат. Александра Бујароска од еколошкото граѓанско здружение „Фронт 21/42“ вели дека повеќе од три годин се борат против одлуката за промена на зоните на заштита во Националниот парк Галичица. Таа се надева дека Уставниот суд ќе ги укине одлуките, по иницијативата која ја доставиле уште во февруари во која укажуваат на незаконитости во одлуката.
– Нема веќе никакво сомневање дека таканаречените развојни проекти ќе донесат уништување на вредностите на Охридскиот регион, поради кои е прогласен за УНЕСКО подрачје. Ова е вистинско време за целосно напуштање на сите деструктивни планови и одбирање на сосема поинаков пат за развој на нашето најголемо природно богатство, смета Бујароска.
Од „Фронт 21/42“ бараат од Европската банка за обнова и развој, МЕПСО и сите останати потенцијални инвеститори да ги пренасочат средствата кон проекти за еко-туризам и на заштита, наместо деградација на Галичица.
УНЕСКО и дава на Македонија две години да ги исполни новите обврски наведени во извештајот, како и оние од 2016-та, кои се уште не се исполнети од властите.
Од „Фронт 21/42“ велат дека доколку овие обврски не се реализираат, пораката е јасна – во 2019-та ќе бидат исполнети критериумите за ставање на Охрид на листата на „Светско наследство во опасност“.
– Народот вели „секое лошо за некое добро“, ова е моментот кога досегашните грешки може да станат научени лекции кои ќе ни донесат видлив напредок и во заштитата на нашето најголемо природно богатство, но и во развојот на туризмот и економските придобивки, особено за локалното население, смета Искра Стојковска од здружението.
Според Фронт 21/42, новата Влада и состав на Собранието треба формално да ги стопираат деструктивните планови, а веднаш потоа да обезбедат спроведување на Законот за управување со Охридскиот регион и изготвување и спроведување на Планот за управување со регионот, кој го налага овој закон. Планот, со соодветна оцена на влијанието врз животната средина, го бара и УНЕСКО во последниот извештај.
– Апсурдно е прво да се планираат било какви инфраструктурни проекти, а потоа да се имплементира закон за заштита и изготвува план за управување, смета Стојковска, која додава дека за оваа цел ја организирале кампањата „Едно е! Вредно е! За конструктивна комуникација со Собранието.
Заедничкиот настан со пратениците, Фронт 21/42 го најавува за 21-ви јуни, денот на Охридското Езеро. (Крај)
извор: Радио МОФ фото: ОхридПрес