Охрид, 7. јуни 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во текот на 2016 година на подрачјето на општина Охрид се родиле 584 бебиња и тоа повеќе од машки пол.
Ова се податоците на Државниот завод за статистика во однос на наталитетот во македонските општини.
Од вкупниот број, 298 биле машки, додека 286 биле од женски пол. 565 од бебињата се родиле во брачна заедница, а минатата година имало и 19 вонбрачни новороденчиња.
Споредено по години, во 2015 година, на подрачјето на општина Охрид се родиле 549 новороденчиња, додека во 2014 година во матичната евиденција биле запишани 564 бебиња. Ова значи дека минатата година се зголемил бројот на новороденчиња во Охрид.
Според статистиката, лани во општина Дебрца имало 46 новороденчиња. Во споредба со 2015 година,бројот на новороденчиња пораснал за девет.
На ниво на Република Македонија минатата година се родени вкупно 23 199 деца, од кои 23 002 се живородени и 197 мртвородени деца. Бројот на живородените деца во 2016 година, во споредба со претходната година е намален за 73 деца или за 0.3%. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива