Охрид, 8. јуни 2017 (ОХРИДПРЕС) – Охридскиот градски мешан хор „Вокс Лихнидос” викендов ќе настапи на 26-то издание на Меѓународниот хорски фестивал „Тетовски хорски одзиви – ТЕХО 2017”.
Хористите деновиве со интензивни проби се подготвуваат за гостувањето. Фестивалот се одржува во две вечери, а нашиот настап е во недела, изјави за Супер радио и OhridPress диригентот Бурим Хидри.
– Тетовската сцена ни е веќе позната, имаме и претходите години настапувано на фестивалот. Имаме подготвено специјална програма од четири композиции, од кои една ќе биде за првпат, воопшто, изведена пред публика. Станува збор за композицијата за мешан хор „Се посврши”, авторско дело на охридскиот композитор Гоце Гавриловски. Ваквите фестивали се одлична можност за средба со хоровите од други земји, размена на искуства и договарање на идна соработка и гостувања, вели Хидри.
На сцената во Центарот за култура „Иљо Антески Смок” во Тетово, нашиот хор ќе се претстави со композициите: „Билјана платно белеше” – С.Мокрањац, „Ubi Caritas” – O.Gjeilo, „Legenda” – П.И. Чајковски и „Се посврши”на Гоце Гавриловски.
На фестивалот ќе учествуваат околу 300 хористи од девет хорови од Македонија, Бугарија, Косово и Албанија. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес