Охрид, 9. јуни 2017 (ОХРИДПРЕС) – За основците и средношколците денеска завршува учебната година и официјално за нив стартува летниот распуст.
Крајот на оваа учебна година учениците го дочекаа без екстерно теститање, кое по четири години примена минатата недела беше укинато во Собранието.
Матурантите, пак, продолжуваат со полагањето државна матура. Тие утре ќе полагаат странски јазик, а во понеделник математика. Тестовите ќе се полагаат во просториите на училиштата, освен математика.
Учениците од четирите средношколски центри во Охрид кои избрале да полагаат математика, истото ќе се реализира во просториите на охридската гимназија. Почетокот на тестирањето е во 10 часот.
Последниот екстерен испит од државната матура ќе се полага на 14-ти јуни. Тука матурантите ќе избираат меѓу неколку предмети (биологија, хемија, физика, историја, бизнис, филозофија и естетика).
Прелиминарните резултати од екстерните испити на кандидатите ќе им бидат достапни најдоцна до 14-ти јули, односно еден месец од спроведувањето на последниот екстерен испит. Овие резултати ќе бидат и конечни за кандидатите кои нема да поднесат приговор. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива