Охрид, 10. јуни 2017 (ОХРИДПРЕС) – Утре навршуваат три години од прогласувањето на регионот Охрид-Преспа за Прекуграничен биосферен резерват на УНЕСКО.
Ваквата одлука беше донесена со акламација на сесијата на Советот на МАБ Комитетот на УНЕСКО, кој се одржа на 11-ти јуни 2014 година во Јончепинг, Шведска.
– Создавањето биосферен резерват е сублимат на сите постојни заштитени појаси во регионот и таквиот статус треба да го засили интересот во светот за нашиот регион како од еколошки, така и од инвестициски аспект. Луѓето и биосферата се едно тело преку одржливиот развој, а биосферниот резерват е огромна инвестиција за иднината на Охрид и Преспа“ – вели Дејан Пановски од Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро.
Регионот Охрид-Преспа е еден од само 15-те вакви препознаени региони во светот.
Таканаречените „биосферни резервати“ се подрачја во кои човековите активности се насочени кон одржливо искористување на природните ресурси и обезбедување соодветни услови за луѓето да живеат во хармонија со фауната и флората. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива