јуни 12, 2017

Охрид, 12. јуни 2017 (ОХРИДПРЕС) – Лицата со попреченост треба да имаат исти права и можности и да ги добиваат сите услуги како и останатите луѓе, беше меѓу другото потенцирано на Меѓународна работилница за подобрување на животот на лицата со попреченост и нивното вклучување во општеството.

Треба да се подобри системот, услугите и професионалните капацитети за социјална вклученост на мажите и жените кои се во понеповолна положба, како и да  се унапредат  еднаквите можности на пазарот на трудот.

Според Луиза Винтон постојан координатор на ОН и постојан претставник на УНДП во Македонија, потенцира дека е неминовно постојано да се посветува внимание за унапредување на правата и слободите на избор на лицата со попреченост.

–  Оваа категорија лица треба да направат нешто повеќе, но се соочени со одредени потешкоти и предрасуди. Сите одат со претпоставка дека тие не можат да направат нешто. Оваа констатација е погрешна и затоа треба да им се даде можност тие активно да се вклучат во заедницата, подвлече Винтон.

Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу е согласен дека е важна поддршката од институциите и од заедницата за да можат овие храбри луѓе да се чувствуваат уште подобро. Па, затоа државата во иднина ќе се залага за поголема независност на општините со цел тие да можат да одговорат на потребите на сите граѓани, рече Фазлиу.

Хрватскиот експерт Маријана Јанковиќ истакна дека личната асистенција ќе придонесе  до поголема инклузија на лицата со попреченост во општеството. Таа  е насочена кон тоа да му овозможи на лицето со пореченост, до највисок можен степен, да достигне самостоен живот, како активен член кој ќе придонесува во заедницата и општеството. Со неа се намалува зависноста од членовите на семејството и му овозможува на лицето подобрување на социо – емоционалниот живот.

Работилницата е дел од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), а со поддршка на Швајцарската агенција за развој и соработка. (Крај)

извор: ОхридПрес   фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука