јуни 13, 2017

Охрид, 13. јуни 2017 (ОХРИДПРЕС) – Започнаа уписите во школата за пливање „Делфини 2012“, предводена од реномираното пливачко и воопшто спортско име, професорката Соња Думбаловска Делова.

Непливачите ќе ги научат, а пливачите може да ги усовршат техниките во пливањето.
Според професорката Думбаловска Делова, пливањето е голем благодет за целиот организам. Тоа е одлична рекреација и релаксација. Но, е и многу погодно, дури и препорачливо во третманите на лордози, сколиози и други деформитети на ‘рбетот кај децата.

– Школата ја водам веќе шест години, деца од различни возрасти учеа да пливаат, дел од нив се доусовршуваа. Часовите се прилагодени согласно возраста на децата. едвај чекаа да започнат часовите. Презадоволна сум од сите дечиња кои низ годиниве поминаа низ школата, од нивната посветеност, ангажираност, вредно работење, ни изјави проф. Думбаловска Делова.

Пливачката школа со работа ќе започне на 1-ви јули, а часовите ќе се одвиваат на базенот „Билјанини извори“. Може да се запишуваат деца на возраст од 5 до 20 години, а доколку има потреба и поголеми. Уписите се одвиваат секој работен ден, освен недела, во терминот од 10 до 18 часот.

Освен професорката Соња Думбаловска Делова, за предавањето на тајните на пливањето помагаат и тренерите Славчо Цветкоски, Јовица Бицевски и Миле Јованоски. (Крај)

извор: ОхридПрес   фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука