Охрид, 19. јуни 2017 (ОХРИДПРЕС) – Инвеститорот Толевски ја воскресна изградбата на хотелот во Лагадин со кој се прекршуваат 13 закони, еден подзаконски акт и Уставот на РМ, реагираат со писмен допис активисти на Граѓанска иницијатива Охрид ЅОЅ.
Овојпат незаконскиот хотел се гради без никакво одобрение за градба. Имено, на истакнатата табла кај објектот стои број на решение поништено од страна на Општина Охрид уште на 15 март 2017 г.
– „Согласно податоците кои ги имате доставено до Инспекцискиот совет градбата на објектот е повторно отпочната без никакво одобрение за градба“, гласеше одговорот на Инспекцискиот совет на РМ по претставката која Охрид ЅОЅ ја поднесе на 15 јуни 2017 г.
Охрид ЅОЅ ги испрати истите информации и до Општина Охрид и до Секторот урбанизам од кои се бара итно прекинување на сите активности, издавање одобрение за отстранување на бесправниот објект и најстрого санкционирање на лицата кои го прекршиле законот со обидот од 14 јуни 2017 г. повторно да почнат со градежни работи.
– Градењето без одобрение за градба повлекува повеќе санкции меѓу кои и одземање лиценца на изведувачот, како и илјадници евра во глоби. Дополнително бесправните објекти не смее да се поврзат за техничка инфраструктура (водовод, канализација итн.) што значи дека тој хотел дури и да се изгради не би бил употреблив, стои во дописот.
Сопствениците на имоти во Лагадин основаа здружение на граѓани за да може да се вклучат во процесот на носење одлуки на локално ниво откако истото право им беше незаконски одземено со укинувањето на Месна заедница Лагадин.
Судењето за спорот со соседите е трипати одложувано, а инвеститорот не смета дека треба да плати отштета за повредата на владение, како и за физичките штети предизикани врз куќата. Против незаконското работење на општина Охрид поднесена е и кривична пријава.
Од Охрид SOS се сомневаат дека целта на инвеститорот е најбрзо што може да изгради дивоградба што потоа ќе ја легализира. Многу сценарија се во игра и затоа Охрид ЅОЅ бара најитно издавање одобрение за отстранување на бесправната градба од страна на Општина Охрид бидејќи објектот е Б категорија и е во надлежност на општинските власти, стои во писмената реакција.
Активистите од Охрид SOS велат дека сите заедно мора да се избориме за да им ставиме крај на неправдата и безредието затоа што денес му се случуваат на некој друг, но утре може да ни се случат нам. (Крај)
извор: Охрид SOS фото: Охрид SOS