јуни 20, 2017

Охрид, 20. јуни 2017 (ОХРИДПРЕС) – Утре по 17-ти пат ќе се одбележи Денот на Охридското езеро, 21-ви јуни.

Целта на одбележувањето е да се подигне јавната свест и да се покаже грижата за заштита на езерото од македонска и од албанска страна, но и да се покаже дека туризмот е базиран врз ендемизмот и еколошките услови што ги нуди охридскиот регион.

– Важно е колку е старо Охридското Езеро, но уште поважно е колку ние ќе го заштитиме. Охридскиот регион да остане една оаза, не заради УНЕСКО и признанијата од меѓународните организации, туку пред се заради нас. Или сами ќе се штитиме или никој нема да не заштити, порачува Дејан Пановски од Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро.

Активностите за одбележување на овој ден годинава ќе се реализираат во Поградец.

Ќе има специјална програма наменета за деца, потоа кулинарски фестивал, како и бројни спортски активности. Според програмата, ќе има воздухопловни демострации и разни акробаци над небото на Поградец, потоа  велосипедска трка од Лин до Поградец, натпревар во пливање во должина од 150 метри и друго.

 
ezero1
За љубителите на фотографијата ќе биде отворена изложбата на познатиот фотограф Ардиан Фезолари, насловена „The days of Pogradec“.

Инаку, годинава се одбележуваат 17 години од потпишувањето на меморандумот за разбирање помеѓу општините Охрид, Струга и Поградец. Трите езерски општини во февруари 2000 година потпишаа декларација за заштита на Езерото и на 21 јуни со различни активности, наизменично секоја година го одбележуваат Денот на Охридското Езеро. (Крај)

извор: ОхридПрес   фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука