Охрид, 21. јуни 2017 (ОХРИДПРЕС) – Летото веќе и календарски започна, а тоа значи дека во Охрид се очекува раздвиженост на културен план, многу забави, концерти и други настани.
Она што е посебно забележливо во Охрид, оваа и минатите години е што имаме бројни фолклорни или хорски фестивали, речиси секој викенд. На шеталиштето, плоштадот, низ градската чаршија забележлива е шареноликоста од бои, носии, традиции.
Изминатиот викенд се одржа 11-от Меѓународен хорски и фолклорен фестивал „Охридски бисер“, на кој учествуваа 450 уметници. За овој фестивал во Охрид дојдоа играорци и хористи од Турција, Бугарија, Србија, Албанија, Германија, Полска и други земји.
Некои за првпат, некои веќе биле во бисерот на Балканот. Со дел од нив со кои успеавме да поразговараме ни рекоа дека ваквите настани се одлични пред се` од аспект на дружењето и склопување на нови пријателства.
Сите беа едногласни дека Охрид би го избрале како дестинација за одмор. Она што ни преостанува е секако да се покажеме како добри домаќини. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес