Охрид, 22. јуни 2017 (ОХРИДПРЕС) – На традиционален македонски начин, со погача и сол, беа дочекани 220 полски туристи, кои допатуваа во Охрид со првиот чартер лет на авиокомпанијата „Small Planet Airlines“, а преку еден од најголемите полски туроператори, „Рего – Бис“.
Туристите, во најголем дел фамилијарни, беа изненадени и задоволни од пречекот. Поголемиот дел од нив се за првпат во Македонија, а за Охрид слушнале од пријатели кои им го препорачале или пак прочитале на интернет.
Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, ја поздрави одлуката на туроператорот кој ја одбра Македонија како дестинација за полските туристи.
– Нашата заложба како Влада е да го развиваме авиосообраќајот во Македонија и да направиме колку што можеме повеќе туристи да дојдат и да ја посетат земјава. Покрај скопскиот, охридскиот аеродром има сериозен потенцијал за тоа. И во наредниот период ќе работиме на подобрување на условите и привлекување на што повеќе гости. Секоја одлука што добра за граѓаните, туроператорите и државата воопшто, ние ја поддржуваме, истакна Сугарески.
Генералниот директор на ТАВ Македонија, Алп Ер Тунга Ерсој кажа дека ова е само почетокот на една плодна соработка, отварање на комплетно нов пазар од кој ќе пристигнуваат патници. Предвидено е летовите да се реализираат еднаш неделно и тоа секој четврток. До крајот на септември на охридскиот аеродром ќе слетаат 14 сезонски летови, рече Ерсој.
– Се надеваме дека туристите ќе уживаат во гостопримството што може Македонија да го понуди и во богатиот културен диверзитет и природните убавини. Се надеваме дека тие ќе раскажуваат за Македонија и ќе го пренесат позитивното искуство на нивните пријатели и блиски, истакна тој.
Според Амбасадорот на Република Полска во Македонија, Јацек Мултановски, туристите можат да бидат сегмент кој ќе ги зближи нашите општества, бидејќи Полска и Македонија имаат многу заедничко.
– Она што ги привлекува полските туристи во Македонија е менталитетот, културниот диверзитет, секако приридата, културата, но не помалку и гостопримството и храната, рече Амбасадорот Мултановски.
Сопственичка на „Рего-Бис“, Габриела Манка Сокулу, рече дека со чартер летови во Охрид ќе дојдат над 3.000 туристи, а покрај со авион, над 2.000 полски туристи ќе доаѓаат и со автобуски превоз на секои десет дена. Што значи оваа сезона во Охрид и Македонија ќе дојдат над 5.000 туристи од Полска. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес