Охрид, 22. јуни 2017 (ОХРИДПРЕС) – Околу 140 македонски работници, ангажирани од фирма-подизведувач за извршување градежни работи на автопатот Охрид – Кичево, попладнево излегоа на протест, а како причина наведоа доцнење во исплатата на платите и непридржување на работодавачите кон потпишаните договори за работа.
Тие не знаат на која врата да тропнат за овие нивни проблеми. Велат платите доцнат речиси два месеци, а често се случувало работодавците да им кратат по 50 до 100 евра од договорената сума.
– Каде е тука трудовата инспекција, ние не знаеме каде да провериме дали ни се уплатени и продонесите за пензиско и здравствено осигурување, вели Адем Мисоски од Струга.
Тие најавија дека ќе продолжат со штрајкот се додека не им бидат исплатени сите заостанати приходи, притоа барајќи од СВР Охрид да им обезбеди услови за штрајк со блокирање на сообраќајот на магистралниот патен правец Охрид – Кичево. (Крај)
извор: Фокус фото: Фокус