Охрид, 23. јуни 2017 (ОХРИДПРЕС) – Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, денеска во Охрид, говореше пред магистрантите и докторантите-правници, кривичари и политиколози, вкупно 25 кои се на правни и политички студии од сите универзитети во Република Македонија, а се учесници на Охридската школа на природното право „Демократија и владеење на правото“.
Школата е во организација на Центарот за стратегиски истражувања при МАНУ и со поддршка на амбасадата на САД во Скопје.
– Нашето Специјално обвинителство, е многу посамостојно од сличните на Косово и во Црна Гора и тоа во иднина ќе биде пример на Балканот и поширокиот регион.Работевме и сеуште работиме во тешки услови, практично опструирани од државните органи, но веќе сме добро екипирани со 35 истражители, секој овинител има по четворица стручни соработници, плус на сите на помош им стои стручната служба. До 15 септември ќе го подготвиме новиот извештај. Рокот за поднесување на обвиненија ни истекува на 1 јули, но нашиот мандат е на 5 години, ние ќе работиме и натаму, со цел некои работи да се стават во правни рамки, согласно извештајот на Прибе, рече Катица Јанева.
Таа додаде и дека Врховниот суд им ја кочи работата, но, тие, како што рече, црпат надлежност од снимените разговори. До јуни ги слушале само јавно објавените, кои се само 12 проценти од 1000 разговори.
Специјалната обвинителка најави дека за 19 случаеви истрагите се завршени и ќе има обвиненија во дадениот рок. Појасни дека со нив се опфатени граѓани на Република Македонија, меѓу кои има и високи функционери и за други лица, добро познати на јавноста од 2008 до 2015 година
Запрашана од учесниците зошто сите обвиненија започнуваат со буквата Т, Јанева рече дека е тоа исто како да прашате-зошто трите обвинителки се жени? Сепак, таа објасни дека до “Титаник”, за изборните нерегуларности, се дошло од асоцијацијата дека во нив ќе потонат многу звучни имиња, додека пак за „Тврдина“ рече дека било тоа асоцијација на затвореноста и недостапноста на ДБК.
Изборите во 2011, 2013 и 2015 биле целосно нерегуларни. Биле направени во МВР фотографии од 25.000 граѓани, најповеќе од Ресен, но не биле подигнати лични карти.Фотографиите биле злоупотребувани во Скопје и други градови, гласачи се носеле со автобуси и точно се знаело на кое гласачко место колку гласови да се додадат.
– Беше тоа изборен информатички инжињеринг од невиудени размери, таквиот начин го манипулираше целото општество, имавме заробена држава, посочи Јанева.
Јанева рече дека во Струмица на локалните избори без никаква основа се прегласувало во втор круг, иако градоначалникот бил избран уште во првиот, со што е нанесена голема штета на буџетот.(Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес